Весникот “Ле Соар“ објавува дека бриселскиот градоначалник, Филип Клоз, денеска во Советот на Европа во Стразбур ќе го презентира овој нов проект на градот.
– Сакаме социјален и здравствен пристап, со оваа иницијатива да бидеме јасни дека не промовираме дроги, изјави Клоз.
Тој додаде дека корисниците имаат право да имаат безбеден локал за нивната консумација каде ќе добијат и социјална поддршка.
Се очекува до декември во центарот на Брисел да се инаугурира првиот локал во градот со поддршка на невладиниот сектор. Државните средства за овој проект ќе изнесуваат околу 1,7 милиони евра.
Брисел очекува дека со овој пристап ќе се намалат ризиците за корисниците на дроги, но и дека ќе имаат место каде нема да се чувствуваат осудувани и стигматизирани од средината.
За пристап до локалот корисникот треба да исполнува два услова: да биде полнолетен и да има проблематична консумација на дрога. При првата посета корисникот прво ќе се сретне со социјален работник со кого ќе обработи анализа на неговиот профил.
Повеќе сали се предвидени: за инхалација и инјекција. Локалот ја става на располагање само опремата, но не и дрогата. Присутен ќе биде и медицински персонал, посебно за да им помогне на лицата кои користат интравенозни дроги поради ризик од повреди при инјектирање, како и за дезинфекција на опремата.
Медицинскиот персонал, исто така, ќе има обврска да ја провери здравствената состојба на корисниците за да се избегне предозирање или други фатални последици.
Начелно е предвидено локалот да има пет места за инјекција и пет за инхалација, отворени пет дена во неделата од 10 до 18 часот.