Повеќе од 900.000 смртни случаи предизвикани од Ковид-19 се пријавени во Европа од почетокот на пандемијата во декември 2019 година.
Вкупно 52 земји и територии (вклучувајќи ги Русија и Турција) досега имаат пријавено 900.185 смртни случаи (од 40.083.433 пријавени инфекции) – повеќе отколку во Јужна Америка и Карибите (721.581 смртни случаи од 22.872.052 заразени), во САД и Канада (558.110 од 30.406.496) или во Азија (263.250 од 16.692.971).
Најсилно погодени земји во Европа се Велика Британија со над 125.000 смртни случаи, Италија со над 102.000 починати, Русија со над 92.000, Франција со повеќе од 90.000 и Германија со над 73.000 смртни случаи. Овие пет земји учествуваат со повеќе од половина смртни случаи во Европа
Минатата недела просечно по 3.000 луѓе дневно умирале од вирусот, што е за 2,3 проценти помалку од претходната недела. Веќе еден месец Европа е под 4.000 смртни случаи на ден, колку што беше просекот во ноември.