Кина и Велика Британија треба меѓусебно да се почитуваат, да градат доверба и да ги надминат несогласувањата, порачал кинескиот претседател Си Џинпинг во првиот телефонски разговор со новиот британски премиер Енди Барнам. Тој повикал двете земји да најдат заеднички јазик и да ја прошират агендата за заемно корисна соработка.

Откако му ја честитал изборната победа на Барнам, Си истакнал дека Кина и Велика Британија „негуваат сеопфатно стратешко партнерство“.

„И покрај тоа што имаат различни социјални системи и национални услови, Кина и Велика Британија имаат повеќе заеднички интереси отколку несогласувања. Двете страни треба да се почитуваат и да си веруваат меѓусебно, да ги надминат несогласувањата, да најдат заеднички јазик и да ја прошират агендата на заемно корисна соработка“, рекол кинескиот претседател, пренесе портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг.

Си претходно годинава во Пекинг беше домаќин на поранешниот британски премиер Кир Стармер, кој односите меѓу двете земји ги оцени како „од витално значење“. Тоа беше прва посета на британски премиер на Кина од 2018 година.

Велика Британија во 1950 година стана „првата голема западна земја што го призна“ Пекинг. Двете држави во мај 2004 година ги унапредија меѓусебните односи во „сеопфатно стратешко партнерство“.

Годишната билатерална трговска размена меѓу Кина и Велика Британија минатата година достигна 134,7 милијарди фунти, односно 182 милијарди долари. Двете страни воспоставија и повеќе механизми за дијалог на високо ниво, меѓу кои се Годишната средба на премиерите, Економскиот и финансискиот дијалог, Стратешкиот дијалог и Дијалогот на високо ниво за размена меѓу луѓето.