Споменот на легендарниот Македонец, покрај емотивна доби и физичка форма
„Од твоето Гари до Света Гора! Ни остави наследство и тежок товар — да го чуваме наследството создадено од тебе, да не паднеш во заборав и некои други да не те присвојат! Горди сме што сме твои.“
Овие реченици вечерва ги изговорија наследниците – гарчани на свеченото отворање на спомен-собата на големиот македонски копаничар Петре Филиповски – Гарката, роден токму во Гари, од каде што тргнал да ги живописува црквите ширум Балканот.
За гарчани важи правилото: каде и да си, за Голема Богородица во Гари да си!
Токму затоа, во предвечерјето на големиот христијански празник, неколкумина вљубеници во Гари, како аманет од нивните предци — татковци, дедовци и прадедовци — смогнаа сили да ја создадат спомен-собата за големиот копаничар Гарката.
Собата изобилува со битови елементи: од мала масичка и троножни столчиња за седење, до голем број предмети што биле дел од една куќа во Мијачијата. На другиот крај од собата т.н. работен дел — исклучително важно е да се спомене — доминира импозантна слика од копаничарот, дело на академската сликарка Виолета Сиљан Македонска.
Значаен детаљ е што во работниот дел гарчани се потрудиле да пронајдат и постават копаничарска маса со две менгемиња, стара повеќе од 100 години. Во две посебни витрини сместени се алатите што ги користеле копаничарите за работа, како и библиотека од стотина книги со теми од копаничарството, веронауката, македонскиот јазик и културата.
,,Можеби најголемата вредност на Петре Гарката е тоа што тој никогаш не го заборавил својот корен. Од едно мало село, Гари, тргнал мајстор чии дела останале во најзначајните православни храмови и манастири. Неговата тајфа работела на иконостасот во манастирот „Свети Гаврил Лесновски“, на прочуениот иконостас во црквата „Свети Спас“ во Скопје, на делата во Призрен, а своето врвно монументално остварување го оставила во манастирот „Свети Јован Бигорски“ — рече пред присутните Стево Лазаревски, претседател на МЗ Гари.
Подготовката на спомен-собата за Петре Филиповски – Гарката траела повеќе од една година.
Вложени се средства преку донации, а свој придонес и помош дадоа и дебарско-кичевскиот владика г. Георгиј со импозантна резба, негови авторски книги и совети, како и професорот Ратомир Гроздановски, кој подари свои авторски дела. Книги донираа и Институтот за македонски јазик, издавачката куќа „Матица“ и МАНУ, од каде што гарчани добија несебична поддршка за реализација на целиот проект.
,,Идејата ја имавме одамна и моравме да ја реализираме. Мило ми е што по повеќе од една година огромен труд оставаме нешто за идните генерации, кои преку оваа спомен-соба ќе можат да научат нешто ново и поинакво од она што го нуди секојдневието. На нашите идни поколенија им останува да го негуваат споменот за големината и креативноста на Гарката, грижејќи се за оваа спомен-соба која ќе биде отворена за секој добронамерник”, изјави Горан Ристески, еден од иницијаторите за спомен-собата.
Спомен-собата за великанот Петре Филиповски – Гарката беше свечено отворена.
Сега гарчани ги чекаат Мајовци, кои со своите зурли и тапани ќе ја развејат вековната традиција пред Голема Богородица — да се соберат на среде село, да се видат, да помуабетат и да го развиорат орото.

Извор: Експрес
