Во Крива Паланка протест заради некотролираното движење на говедата
Општина Крива Паланка и претставниците на 16 месни заедници ја информираа јавноста дека утре, 26 февруари 2026 година, ќе се одржи мирен протест во организација на граѓани, поради неконтролираното движење на говеда и штетите врз имот и земјоделски површини.
„Општината потсетува дека надлежните институции веќе донесоа правосилни решенија и задолжителни мерки за регулирање на оваа состојба. Непочитувањето на овие решенија го загрозува јавниот ред, безбедноста и имотните права на граѓаните.
Сите учесници се повикуваат на одговорно и мирно однесување, додека Општина Крива Паланка и претставниците на 16 месни заедници активно ги следат настаните и ќе преземат сите мерки во рамки на своите надлежности за заштита на јавниот интерес“, се вели во соопштението на Општина Крива Паланка.
Акција на теренот и ескалација на ситуацијата
Обидот на институциите да воспостават ред со добитокот што со месеци слободно се движи низ кривопаланечкиот регион прерасна во тензична ситуација на терен. Наместо мирно прибирање на животните, акцијата заврши со расправии, трчање по ридовите и физички турканици, објави Телма.
Во Крива Паланка инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се обидоа да ги приберат кравите што подолг период се движат без контрола. Дел од добитокот беше лоциран и натоварен кај помошен објект во близина на градскиот базен.
Отпор од семејството на сопственикот
Акцијата не помина без отпор. Членови на семејството на сопственикот се обидувале да ги оттурнат кравите од инспекторите и да ги насочат кон планинските предели. Меѓу најгласните била Јулија Ѓорѓиевска, ќерка на сопственикот, која трчала по стадото во обид да го спречи нивното одземање. Во еден момент службени лица се обиделе да ја запрат, по што тензиите дополнително се зголемиле.
Според информациите од терен, од околу 500 грла добиток, денеска биле заловени десетина, додека останатите и понатаму се движат низ околните ридови и пасишта. Дел од службениците пријавиле дека биле физички попречувани при извршувањето на задачата.
Од друга страна, сопственикот Гоце Ѓорѓиевски изјави дека нема спор со институциите, но инсистира неговите крави да бидат соодветно згрижени, нагласувајќи дека семејството се грижи за нив повеќе од три децении.
