Обилните дождови кои паѓаат од петокот во таа земја во Југоисточна Азија, инаку навикната на монсунските бури на крајот на годината, предизвикаа излевање на реките, поплавување на урбаните зони и блокирање на неколку патишта.

На веб-страницата на Владата се наведува дека повеќе од 22.000 луѓе се погодени од поплавите во осум држави во земјата, од кои повеќе од 10.000 во државата Паханг во центарот на Малезија.

Премиерот Исмаил Сабри Јакоб изрази изненадување што во најбогатата малезиска држава Селангор, која го опкружува поплавениот главен град Куала Лумпур, повеќе од 5.000 луѓе се принудени да ги напуштат своите домови.

Тој рече дека тоа е изненадување бидејќи во сезоната на монсуни ретко се случуваат поплави во таа држава.

Според Владата, водата и денеска е на опасно ниво во шест држави во центарот и североисточниот дел на земјата.

Дождот во некои области се смири, но метеоролошката служба предупредува дека врнежите ќе продолжат во некои делови на државата Паханг.

Малезија имаше најголеми поплави во 2014 година, кога 118.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.