Како одговор на бројните реакции на граѓаните на Охрид, општинските власти појаснуваат дека реконструкцијата на улицата се спроведува согласно правосилно решение издадено од страна на Министерството за транспорт и врски бр.28 УП-208/2020 Е од ноември минатата година.

Со реконструкцијата на улицата ќе биде отстранет стариот дрворед од липи и костени, односно ќе бидат отстранети 49 стебла липа и 13 стебла костен, за кои од Општина Охрид велат дека се дрвја со надмината физиолошка и биолошка возраст, нападнати од карантински болести и штетници со значителни физички оштетувања по разни основи, како и заболени дрвја кај кои не постои можност за успешно санирање на нивната здравствена состојба.

Станува збор за стебла на потегот од пресекот со кеј „Македонија” до пресекот со улицата „Даме Груев” што ќе бидат отстранети при изведување на првата фаза од реконструкцијата на булеварот „Македонски просветители”, стои во соопштението на локалната самоуправа.

Од Општина Охрид појаснуваат дека на односниот потег на булеварот се наоѓаат и десет млади стебла јавор што ќе бидат пресадени на друга локација.

По завршување на градежните активности, согласно предвидениот проект ќе биде засаден нов дрворед со соодветни садници.