Согласно законската регулатива за постапување со бесправно изградени објекти, од вкупно поднесени 17.543 барања од граѓани, на постапување во општината чекаат над 6000 предмети. На иницијатива на градоначалникот Тони Коњановски, изминатите десет дена изработени се над 100 решенија, а работата продолжува до решавање на сите предмети, од кои за дел, граѓаните чекаат решение од 2011 година. Денес, градоначалникот лично врачи дел од решенијата, кои беа изработени изминатите денови.
-Во изминатите десет дена со постојана работа од страна на задолжените служби за легализација на бесправно изградени објекти, побарав да се сублимира моменталната состојба со предметите за стекнување на правен статус на бесправно изграден објект. Од извршените анализи, констатирано е дека во 2011, 2013, 2014, 2016, 2018 и 2020 година, од страна на граѓаните поднесени се вкупно 17.543 барања за бесправно изградени објекти, градби на земјоделско земјиште и тераси.
Од нив, до 2017 биле решени 10.205 предмети и 746 предмети во периодот од 2017 до 2021 година. Тоа значи дека за решавање остануваат уште 6.592 предмети. Кај еден мал дел од нив, неможе да биде постапено од страна на службениците, заради нерешени имотно – правни односи помеѓу сопствениците и неможност да се стапи во контакт со истите, заради што апелирам во сите вакви случаи, граѓаните да ги исконтактираат стручните служби и да ги ажурираат информациите за контакт, со цел остварување на потребната комуникација.
-Покрај анализа на состојбата, во изминатата недела и половина, работевме и на донесување на решенија, во случаите, каде може да се постапи, согласно законската регулатива. Успеавме да потпишеме 100 решенија и се надевам дека со оваа динамика ќе продолжиме и во следниот период.
Не смее да остане нерешен предмет.
Тоа е наша должност кон сите граѓани. Исто така, ќе вложиме напори, со дополнително ангажирање, изготвените урбанистички согласности и решенија, кои сеуште не се подигнати од граѓаните, да им бидат доставени на домашна адреса, со цел целата постапка за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект, да има завршница.
Денес, Вас, на присутните граѓани, од кои најголемиот дел од 2011 година чекате решение за Вашиот станбен објект, одлучив лично да Ви ги врачам решенијата и да Ви честитам, што после десет години, добивате можност да се стекнете со имотен лист, што секако е од големо значење за секој оној кој инвестирал во градба.
Со овој чин, сакам да ги уверам и останатите граѓани, дека ваквиот начин на работа ќе продолжи и во следниот период, со цел решавање на сите преостанати предмети, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање до присутните граѓани, кои денес во општината ги подигнаа решенијата за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект.