На службениот влез на основното училиште „Јохан Хајнрих – Песталоци” денеска од 9:00 часот ќе биде отворена книга на жалост по повод смртта на 14-годишната Вања Ѓорчевска која исчезна во понеделникот, а синоќа Министерството за внатрешни работи соопшти дека е пронајдено нејзиното тело.

-Ги повикуваме блиските и сите граѓани кои сакаат да оддадат почит да дојдат да се потпишат. Во моментот менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози се подготвува за утрешниот ден со цел обезбедување поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан, се вели во соопштението од Општина Центар.

Оттаму се бара целосно расветлување на случајот во најкус можен рок и одговорност од извршителите. Се повикуваат граѓаните да останат обединети и да не подлегуваат на шпекулации.

– Градоначалникот Герасимовски и сите вработени во Општина Центар изразуваат најдлабоко сочувство до семејството и блиските на Вања. Извршителите на овој грозоморен чин мора да одговараат во најкус рок, ги повикуваме институциите да го расветлат целосно случајот. Апелираме и до граѓаните да останат обединетив во овие тешки моменти и да не подгреваат шпекулации. Нека и е светол патот на Вања, ваква трагедија никогаш повеќе да не се повтори, се наведува во соопштението од Општина Центар.