Најмалку 82 лица досега загинаа во пожарот што рано утринава ја зафати болницата „Ибн ал-Хатаб“ во Багдад, соопшти ирачкото Министерство за внатрешни работи, јави ДПА.

Во пожарот се повредени уште околу 110 други пациенти, болни од Ковид-19, а кои биле сместени во болницата што се наоѓа во југо-источниот дел на Багдад, јави државната агенција ИНА, цитирајќи го ирачкото МВР.

Претходно, член на полуофицијалната ирачка Висока комисија за човекови права соопшти дека бројот на загинати е 58 лица.

Министерството за внатрешни работи исклучи дека причина за пожарот е криминален мотив, што, според извештаите, почнал на Одделот за интензивна нега, пренесе ДПА.