Изложбата е инспирирана од танцов перформанс во соработка  со кореографката Адријана Данчевска, која е и субјект на овие дела.  Според уметницата Мојсовска, Сузан е измислен карактер кој ги пренесува екстремните расположенија на една млада жена која се бори со сопствените емоции и пориви.

-Во овој проект, карактерот на Сузан е повторно предмет на естетската материјализација каде преку фотографијата како медиум, ги доловувам моментите на екстаза и кинестетичка емпатија. Анализирајќи ги танцовите перформанси и фокусирајќи се на перформативноста како процес од кој произлегува некаква акција, се обидувам да го замрзнам тој жив и интензивен момент на одвивањето на самиот уметнички чин, објаснува Мојсовска.

Ивана Мојсовска е млад, современ автор кој ги истражува емотивните состојби прикажувајќи ги преку своите експресивни и гестуални записи со кои таа постојано експериментира со нови сликарски медиуми. Делата на Мојсовска вклучуваат слики, танцови перформанси, инсталции и фотографии.

Досега имала две самостојни изложби и учевствувала на повеќе групни изложби во земјава и во странство. Во последнава година остварува контакт со уметничка куќа во Mougins, Франција каде изложува свои дела.

Добитник е на наградата “Четирите мајстори на модернизмот” од  Факултетот за ликовни уметности од Скопје.