Премиерот Гледис Береџиклијан изјави дека во Нов Јужен Велс се пријавени 935 нови случаи, најниско од 27 август, додека четири лица починале, пренесува Радио Слободна Европа.
Еден ден претходно, беа регистрирани 1.083 случаи.
– Подобро е отколку во претходните недели, но не сакам никој од нас да се опушти и да мисли дека најлошото е зад нас. Бидејќи видовме акумулација на толку многу случаи, знаеме дека октомври ќе биде многу предизвикувачки за нашиот здравствен систем, рече Береџиклијан.
Речиси половина од 25 -те милиони жители на Австралија се во „локдаун“ по брзото ширење на Делта варијантата во најголемите градови Сиднеј и Мелбурн.
Поради тоа, властите се откажаа од т.н „нула ковид“ стратегија и се обидуваат да ги ублажат мерките со брзо вакцинирање на населението.
Ограничувањата за вежбање на отворено се укинати, додека целосно вакцинираните можат да се собираат на отворено во групи до пет лица.
Австралија претежно спроведуваше политика на „нула ковид“ со драстично затворање за време на пандемијата.
Од почетокот на пандемијата, во земјата се регистрирани 1.167 смртни случаи и 87.000 случаи на инфекција. Од средината на јуни, кога првпат беше забележан Делта сојот во Сиднеј, пријавени се околу 56.000 случаи.