Турските власти приведоа 304 лица осомничени дека се поврзани со милитантната група Исламска држава во операции во 32 области, објави денеска турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, додавајќи дека повеќето од осомничените се уапсени во трите најголеми градови во земјата, Анкара, Истанбул и Измир.

Осомничените се уапсени во рамки на операцијата „Херои-34“, која, според турскиот министер за внатрешни работи, била спроведена истовремено низ цела Турција.

„Заради мирот и единството на нашиот народ, ќе ја продолжиме нашата битка со интензивни напори на нашите безбедносни сили“, напиша Јерликаја во објавата на социјалната мрежа Х, заедно со видео на кое се гледа како припадниците на турската полиција влегуваат во становите и ги носат осомничените со возила.

Исламска држава која контролираше една третина од Ирак и Сирија во 2014 година, продолжува да ги води бунтовничките напади. Таа е одговорна за бројни напади низ Турција, вклучувајќи го и нападот во ноќен клуб во Истанбул на 1 јануари 2017 година, во кој загинаа 39 лица.

Властите ги засилија операциите против Исламска држава и курдските милитанти во последните недели, откако група курдски милитанти активираа бомба во близина на владината згради во Анкара на 1 октомври.