Турската полиција заплени околу 350 килограми кокаин на товарен брод што од Бразил пристигнал во пристаништето Мерсин. Во операцијата бил прекинат синџир за шверц на дрога од Јужна Америка, а уапсени се деветмина осомничени, објавија денеска турските медиуми.

Запленетиот кокаин има проценета пазарна вредност од околу 1,5 милијарди турски лири, односно приближно 26,6 милиони евра. Осомничените биле идентификувани со технички и физички надзор, а против нив е поведена правна постапка за производство и трговија со опојни или стимулативни супстанции.

„Операцијата против трговците со дрога е спроведена како резултат на работата на Одделот за борба против наркотици на Полициската управа на Истанбул и Одделот за борба против наркотици и разузнавачка работа на Полициската управа на Мерсин“, се наведува во полициското соопштение.

Полицијата добила информација дека голема количина наркотици се наоѓа на брод што испловил од Јужна Америка и треба да пристигне во Мерсин. Потоа било утврдено дека товарниот брод од Бразил се закотвил во пристаништето.

При претресот биле пронајдени приближно 350 килограми кокаин спакуван во 12 големи пакети. На бродот биле откриени и нуркачка опрема и опрема за подводни скутери.

Министерот за правда Акин Ѓурлек изјави дека турските власти одлучно ќе ја продолжат борбата против криминалот поврзан со дрога, од изворот и дистрибутивната мрежа до финансиерите и нарко-босовите.

„Нема да има толеранција кон трговците со дрога, ниту премин за нарко-босовите“, рече Ѓурлек, пренесе „Хабертурк“.

Во објава на социјалните мрежи тој наведе дека турските власти се борат против нарко-босовите и меѓународните криминални мрежи што тие ги воспоставиле.

Ѓурлек потсети дека пред два дена во Истанбул бил уапсен Ислам Јакут, водач на меѓународна организација за трговија со дрога, кој бил во бегство од 2017 година. Според него, со операцијата во Мерсин е зададен удар врз синџирот што планирал да пренесува кокаин по морски пат од Јужна Америка.

Во рамките на истрагата што ја води Главното јавно обвинителство во Мерсин, полицијата го открила планот дрогата да биде скриена во трупот на бродот под површината на водата. Кокаинот требало да биде изваден со помош на нуркачи, а потоа пренесен во западните турски провинции.