Градоначалничките и локалните избори во Англија требаше да се одржат минатата година, но се одложени за денеска (6 мај) поради ситуацијата што ја предизвика пандемијата на коронавирусот.

Според предизборните анкети, кандидатот на лабуристите, Садик Кан, првиот муслиман на чело на Лондон, има поддршка од 63 отсто од гласачите, додека конзервативецот Шаун Бели ужива 37 отсто поддршка.

Гласачките места ќе се отворат во 7:00 часот по локално време, а ќе се затворат во 22:00 часот.

Садик Кан, актуелниот градоначалник на Лондон, изјави дека доколку победи има план за закрепнување на британската престолнина од „разорните” последици на Брегзит и пандемијата на коронавирусот.

-Мислам дека комбинацијата на Брегзит и оваа грозна пандемија е погубна за компаниите во Лондон и низ земјата, посебно за оние што се занимаваат со малопродажба, угостителство, култура и туризам. Во последната година загубивме повеќе од 300.000 работни места во Лондон, а повеќе од милион жители на Лондон моментално се на принуден одмор“, порача Кан.