Владата преку Службата за општи и заеднички работи ќе отпочне постапка за повеќегодишна јавна набавка на 45 моторни возила, по пат на оперативен лизинг (деловен закуп) со времетраење од 36 месеци.
По три години, истекува стариот договор кој го постигна СОЗР со економскиот оператор во јули 2018. Сите понудени возила кои ги користи Владата се од марката Volkswagen Passat Comfortline 2.0 TDI.
Владата и тогаш направи оперативен лизинг (деловен закуп) за 45 нови моторни возила со времетраење од 36 месеци. Владините функционери може да ги користат автомобилите додека не поминат 120.000 километри.
Месечниот лизинг според актуелниот договор за едно возило изнесува 67.538 денари со пресметан данок. Вкупната вредност на договорот со операторот е 109 милиони денари. Операторот ќе треба редовно да ги сервисира, регистрира, осигурува, транспортира и да ги обезбедува сите потребни документи и делови.