Унгарскиот парламент во вторник, 11 август, ќе гласа за нов претседател на Републиката, иако засега нема официјално номинирани кандидати. Изборот следува по промената на шефот на државата, која беше едно од ветувањата на премиерот Петер Маѓар по победата на неговата партија Тиса на априлските избори, по 16 години владеење на Виктор Орбан, пишува бриселскиот „Еуроњуз“.

Унгарската влада во јули го искористи уставниот амандман за да го отстрани претседателот Тамаш Шујок, кого Маѓар го нарече „кукла“ на Орбан. Потоа премиерот ѝ ја понуди функцијата на шаховската легенда и поранешна светска шампионка Јудит Полгар, но таа ја одби понудата поради длабоката политичка поделба во земјата.

Начинот на кој Маѓар постапи со номинацијата беше критикуван од пратеници и невладини организации, кои тврдеа дека немало вистински јавни консултации за изборот на новиот шеф на државата. Маѓар одговори дека Тиса само побарала препораки, а не иницирала „консултации со општеството“, и дека конечниот избор е на пратеничката група на партијата и на Парламентот.

Минатиот месец Маѓар ги повика партиите, јавните личности, граѓанското општество и другите заинтересирани да предложат кандидати. Неколку невладини организации и партии веќе доставиле предлози, а меѓу потенцијалните кандидати се професорот по право и поранешен претседател на Куријата Андраш Бака, историчарот Игнак Ромшич и адвокатот Ботонд Филеп.

Претседателската функција во Унгарија е претежно церемонијална и привремено ја извршува претседателката на Парламентот, Агнеш Форстхофер. Според Маѓар, новиот претседател треба да го претставува националното единство и да ѝ служи на земјата без партиско-политичко минато или припадност.

Партијата Фидес на Орбан, која сега е во опозиција, соопшти дека нема да учествува на претседателските избори и оцени дека отстранувањето на Шујок било „нелегитимно“.

Парламентот го избира претседателот со двотретинско мнозинство на тајно гласање. Доколку првиот круг не успее, се одржува второ гласање со двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови, при што не е потребно двотретинско мнозинство. Ако и вториот круг биде неуспешен, се поднесуваат нови номинации и се одржуваат нови избори.

Избраниот претседател ја презема функцијата осмиот ден по објавувањето на резултатите, откако ќе положи заклетва во парламентот.