Доналд Трамп е уапсен, објавија американските медиуми.

Поранешниот американски претседател попладнево им се предаде на властите во Менхетн, откако големата порота минатиот четврток гласаше тој да биде обвинет. Обвинението сè уште е запечатено, но, наводно, вклучува над 30 дела за кои се верува дека се фокусираат на наводите дека поранешниот претседател фалсификувал деловни документи во текот на организирањето исплата на пари на порноѕвездата Сторми Даниелс.

Поранешниот претседател (2017-2021), кој има намера да се врати во Белата куќа во 2024 година, влезе во судницата каде што ќе биде информиран за обвинението покренато против него.

Трамп во понеделникот полета од Мар-а-Лаго кон Њујорк како подготовка за неговото апсење и денеска им мавташе на приврзаниците кога излезе од колоната возила за да влезе во судницата. Тоа е момент за историските книги, бидејќи е првпат поранешен претседател на САД да се соочи со кривична пријава и со изгледи за затворска казна. Се очекува Трамп на денешното судење да се изјасни како невин.

Пред судот се собраа и поддржувачи и противници на поранешниот претседател, а меѓу двете групи, кои разменуваа навреди, застанаа и припадници на њујоршката полиција. Сепак, најголем дел од просторот пред кривичниот суд зазедоа новинари, поради овој случај без преседан во поновата американска историја.