Водата од гостиварскиот водовод и натаму не е безбедна за пиење и може да се користи само како техничка вода. Ова попладнево го соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по состанокот на Главниот штаб за кризи, со кој тој раководи.
На состанокот било договорено да се зголеми бројот на испитувања и да се вршат почести мерења на квалитетот на водата. Во проверките ќе бидат вклучени повеќе институции, со цел да се следи состојбата со поголем континуитет.
Тошковски појасни дека водата ќе биде прогласена за безбедна за пиење откако ќе бидат добиени три последователни резултати кои ќе покажат исправност на водата на сите мерни точки во градот.
„Штом ќе имаме три последователни резултати на исправна вода за пиење на сите мерни точки во градот, тогаш на гостиварци ќе им соопштиме дека водата е и за пиење освен како техничка вода како што се употребува до сега“, рече Тошковски.
Во меѓувреме, ќе продолжи и испораката на флаширана вода за пиење за жителите на Гостивар. Министерот информираше дека во изминатите денови биле доставени околу 580.000 литри вода.
Водата ја обезбедиле Владата, општествено одговорни компании и други општини.
