Дирекцијата за заштита и спасување денеска ги претстави специјалните противпожарни возила направени со пренамена на воени транспортери, кои можат да се движат по тежок и стрмен терен, да совладуваат пречки и брзо да интервенираат при пожари и други вонредни ситуации. Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, истовремено ги повика граѓаните на максимална претпазливост поради најавениот топлотен бран и многу високиот ризик од избувнување пожари.
На демонстрациската вежба биле прикажани маневарските способности на адаптираните возила. Според Ангелов, нивните технички карактеристики овозможуваат подобри перформанси од дел од поновите возила, особено при искачување на стрмни и тешко пристапни терени.
„Во овој период од годината нашите возила се подготвени да функционираат самостојно, без потреба од поддршка од припадници на полицијата или Армијата како возачи на специјалните возила. Но, доколку дојде до значително зголемување на големи, катастрофални пожари што би ги загрозиле луѓето или имотот, на располагање ќе бидат и припадници на Армијата и полицијата“, рече Стојанче Ангелов.
Тој предупреди дека секој што ќе предизвика пожар ќе се соочи со кривична одговорност и затворска казна. Посебно ги предупреди земјоделците што користат пиротехнички уреди за растерување птици, бидејќи тие можат да предизвикаат пожар.
„Земјоделците кои користат пиротехнички средства што создаваат звук сличен на истрел за да ги исплашат птиците, треба да знаат дека нивните уреди можат да предизвикаат пожар. Почитувани граѓани, ве молиме пријавете ја секоја сомнителна активност во најблиската полициска станица или јавете се на бројот 112“, вели Ангелов.
Според податоците што ги изнесе Ангелов, во текот на јули дневно во просек биле регистрирани околу 15 пожари на отворено. Тој наведе дека, благодарение на навремената реакција на противпожарните екипи и поддршката од авионите на Дирекцијата, пожарите биле ставани под контрола и изгаснати.
