Во Северна Македонија денеска пристигнa нова група Американци за да служат како волонтери во Мировен корпус. Тие ќе го споделат своето знаење и искуство волонтирајќи во училишта и организации во земјава.

– Ова е прва група волонтери коишто пристигнаа во Северна Македонија после три години, откако беа евакуирани во март 2020 година заради светската пандемија. Волонтерите повторно ќе бидат дел од програмите за настава по англиски јазик и развој на заедниците, како и во претходните години. Им посакуваме многу успешна работа, изјави Дебора Конер, директорка на Мировниот корпус во Северна Македонија, која ги пречека волонтерите аеродромот во Скопје.

За време на двогодишниот престој во Северна Македонија, тие ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, како и во областа на развојот на заедниците во невладини организации.

Ова е 25-та група волонтери кои ќе живеат и работат во градови и села низ Северна Македонија. Волонтерите ќе ги изучуваат локалните јазици и ќе се запознаат со македонската култура, а својата служба во земјата ќе ја почнат во декември 2022

Мировниот корпус е американска владина организација и ги реализира своите програми во партнерство со Министерството за образование и наука, Министерството за локална самоуправа и со Министерството за труд и социјална политика.

Повеќе од 800 американски државјани досега служеле во Северна Македонија од 1996 година.