Вонредна инспекција ќе има во Клиничката болница во Штип каде по царски рез со тешки невролошки последици остана 19 годишна пациентка.
Министерството за здравство внимателно го следи случајот со 19-годишната пациентка и е во постојана комуникација со надлежните здравствени установи.
Со цел целосно, објективно и стручно утврдување на сите околности поврзани со лекувањето на пациентката, Министерството издаде налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор.
По добивањето на инспекцискиот наод и целокупната медицинска документација, Министерството ќе иницира и стручен надзор над досегашниот тек на лекувањето и постапувањето на здравствените работници и установи вклучени во случајот.
Во меѓувреме, министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека вонреден надзор ќе биде спроведен во сите три здравствени установи во кои се лекувала 19-годишната Станка Михајлова од село Баница.
Според информациите што ги објави „Слободен печат“, пациентката по вториот царски рез, извршен во Клиничката болница во Штип, развила параплегија и моментално се движи со инвалидска количка.
