Формирана е комисија за надзор над случајот со родилката од случајот во Штип, а ќе се вклучат и двајца странски стручњаци, информираше денеска министерот за здравство Сашо Клековски, одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.

Министерот беше прашан кога ќе биде готов извештајот за родилката која останала парализирана по втор царски рез, дали има лекарска грешка или не.

– Јас ја формирав комисијата за стручен надзор. Можам да кажам, заради подигање на нивото на третман на работата и градење на доверба во институциите, поканив двајца странски стручњаци да се вклучат во редовната работа. Нив им се испратени сите наоди од Државниот санитарен и здравствен инспекторат – истакна Клековски.

Министерот кажа дека ДСЗИ не нашол пропуст во медицинската документација.

Информираше дека се побарани две појаснувања за две своеволни напуштања на болница.

– Барав да се достават потврдите дека тоа е така направено. Комплетирано е, ставено е на увид на стручниот надзор, дадено им е време да ја разгледаат документацијата, ќе има еден онлајн – состанок да кажат што уште сметаат дека им е потребно како документација и потоа ќе има еден состанок, се надевам со присуство на пациентката, во кој би се донел конечниот заклучок. Се надевам до крајот на месецот дека ќе биде заклуок, а тоа ќе зависи од достапноста на ангажираните експерти. Претседател на комисијата е гинеколог, има анестезиолог од Белград, има невролог од Љубљана, има неврохирург од „Свети Еразмо“ – Охрид и радиолог од Скопје – појасни Клековски.

Тој беше прашан и за нови 11 случаи на ХИВ/СИДА кај нас и дали тоа е резултат на намалено финансирање на програмите за превенција.

– Јас не би можел да направам на прес-конференција, причинско-последична анализа и дали има корелација помеѓу намалувањето на средствата за програмата, бидејќи доаѓам од свет каде што се прават евалуации и треба посериозна анализа за тоа. Тоа може да биде резултат и на опуштање на граѓаните, бидејќи ХИВ/СИДА, веќе е болест што се лекува – одговори министерот за здравство.