Континуираната поддршка за Украина и европската одбрана-во фокус на специјалниот самит на ЕУ во Брисел на кој учествува и украинскиот претседател Зеленски. Европските лидери ги договараат финансиите и обезбедувањето средства за безбедноста на Стариот Континент откако САД кажаа дека тие се сами одговорни за себе и ја укинаа воената помош за Киев. Париз е отворен за разговори за проширување на францускиот нуклеарен чадор на нејзините европски партнери-порача Макрон пред состанокот, упатувајќи силна порака за руската закана и потребата од зголемени инвестиции во одбраната.
„Русија стана закана за Франција и Европа. Стратешката дебата е повторно отворена за тоа како нашето одвраќање придонесува за заштита на нашите европски сојузници. Мораме да продолжиме да им помагаме на Украинците да се спротивстават додека не можат да преговараат за цврст мир со Русија. Тој не може да се постигне по секоја цена и под руски диктат. Не може да биде капитулација на Украина, ниту пак, кревок прекин на огнот“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Најголемиот предизвик за ЕУ ќе биде да најде обединет став и едногласна поддршка во блокот откако Унгарија побара да не биде спомената во никакви писмени заклучоци од самитот.
„Европа се соочува со јасна и присутна опасност на ниво кое никој од нас не го видел во нашите животи. Некои од нашите основни претпоставки се поткопани до својата суштина“-рече шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен пред средбите.
Во истовреме, по неуспешниот обид во Белата куќа, продолжува и дипломатијата на релација Вашингтон-Киев.
„Украинските и американските тимови почнаа да работат на претстојниот состанок. Јермак и Валц имаа разговори, а следната недела веќе се надеваме дека ќе го видиме првиот резултат“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Напорите доаѓаат во момент кога САД освен воената, ја прекинаа и разузнавачката помош за Украина исклучувајќи ја од системот за известување за напади. За Кремљ ова е позитивен сигнал, но и натаму стои на ставот дека постојат правни и политички пречки додека Путин полека се движи кон зацртаните цели.
„Сè што правиме и на фронтот и овде треба да ја следи истата логика – да победиме, да ја обезбедиме безбедноста на државата и иднината на Русија. Го завршивме издавањето пасоши на жителите на ослободените региони Доњецк, Луганск, Керсон и Запорожје“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Следната недела Франција ќе биде домаќин на состанокот на началниците на генералштабовите на вооружените сили на европските земји.
Извор: МРТ