Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Украина и Русија постигнале договор повеќе да не ги напаѓаат меѓусебните енергетски објекти. Тој истовремено оцени дека поскапувањето на дизелот во светот главно е последица на руско-украинската војна, а не на конфликтот со Иран.

„Украина се согласи да не ги напаѓа руските енергетски објекти. Русија се согласи да го стори истото! Зголемувањето на цените на дизелот низ целиот свет е најмногу предизвикано од војната меѓу Русија и Украина, а не од Иран“, напиша Трамп на својата платформа „Трут соушал“.

Објавата на американскиот претседател дојде еден ден откако тој јавно го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да ги запре нападите врз руското производство на дизел.

Украина со месеци изведува интензивни напади врз руската инфраструктура за производство на гориво. Нападите значително го намалиле капацитетот на руските рафинерии и предизвикале широко распространет недостиг на дизел.

Како одговор на состојбата, Русија го забрани извозот на дизел. Земјата е втор најголем извозник на ова гориво во светот, веднаш зад Соединетите Американски Држави.

„Господинот Зеленски мора да направи едно нешто. Мора да престане да го уништува производството на дизел во Русија затоа што предизвикува недостиг на дизел“, изјави Трамп за време на официјалната посета на Ирска.

Цената на дизелот, кој е клучно гориво за камионите, возовите, тракторите и бродовите, во петокот за првпат во историјата надмина шест долари за галон во САД, покажуваат податоците на Американската автомобилска асоцијација.

Истовремено, глобалните цени на нафтата се искачија над 108 долари за барел поради војната на Блискиот Исток. Снабдувањето дополнително е ограничено поради застојот во Ормускиот Теснец, низ кој претходно минувала околу една петтина од светските количества нафта, додека САД и Иран се борат за контрола врз овој клучен воден пат.

Во петокот беше запрен и саудискиот нафтовод Исток-Запад, главната алтернативна рута преку која Саудиска Арабија извезува нафта преку Црвеното Море. Прекинот се случил по напад со беспилотни летала извршен од Ирак, што дополнително ја влошило состојбата.

Трамп, сепак, тврди дека поскапувањето на дизелот не е „предизвикано од Блискиот Исток“, туку од „она што се случува во Русија и Украина“.

Украина, чија енергетска инфраструктура постојано е цел на руски напади, тврди дека руските рафинерии се легитимни воени цели. Киев смета дека со нападите се намалуваат изворите за финансирање на Москва и домашната поддршка за војната.