Агентите на Тајната служба на САД застрелаа вооружен маж кој се обидел нелегално да влезе во безбедносниот периметар на имотот Мар-а-Лаго во Флорида, сопственост на американскиот претседател Доналд Трамп. Инцидентот се случил во Вест Палм Бич, а напаѓачот бил на возраст од околу 20 години, соопшти Тајната служба.

Во моментот на настанот, Трамп бил во Белата куќа, а првата дама Меланија исто така се наоѓала во Вашингтон.

Властите не го објавија идентитетот на застреланиот маж. Според Тајната служба, тој бил „виден во близина на северниот влез на Мар-а-Лаго и се чинело дека носел пушка и боца со бензин“, по што бил застрелан од агенти на Тајната служба и локален полицаец.

Американските медиуми потсетуваат дека ова не е прва закана по животот на Трамп. На 13 јули 2024 година тој беше ранет во обид за атентат за време на настан од кампањата во Батлер, Пенсилванија. На 15 септември 2024 година, пак, маж со пушка беше уапсен во близина на голф теренот на Трамп во Вест Палм Бич додека претседателот играл.

Белата куќа засега не го коментира инцидентот.