Сведоштво што ја потресе јавноста по случајот во Ѓорче Петров

Јавноста бурно реагира по грозоморниот случај на врсничко насилство во скопската населба Ѓорче Петров, а меѓу бројните реакции се огласи и клиничкиот психолог Амела Мемиш Апостоловска, која сподели лично искуство, пренесе Црнобело.

„Воспитувањето почнува и завршува дома“

Поттикната од случувањата, таа преку јавна објава зборуваше за болката што ја носат нејзините деца, кои, како што наведува, со години се соочуваат со последиците од насилство во училиште.

„Колкупати апелирав? Колку пати викав дека воспитувањето почнува и завршува дома?“, посочува таа, додавајќи дека нејзината ќерка денес избегнува јавни настапи поради траумите од минатото.

Болни сведоштва од училишните ходници

Апостоловска раскажува дека нејзината ќерка била претепана и исмевана поради физичка карактеристика, а молчела за да ја заштити мајка си. Воедно, наведува дека и нејзиниот син бил жртва на насилство, откако бил удрен и исмеван од врсници.

Таа предупредува дека последиците од ваквите искуства се долготрајни и дека, и покрај јавните реакции, суштински промени нема.

„Траумата не се лечи со текот на времето. Човек само учи како да живее со дупката во себе“, наведува таа.

„Ништо не е сменето“

Според неа, и покрај сите апели и јавни дебати, реалноста останува иста, а децата продолжуваат да се соочуваат со насилство и изолација.

„Да не се лажеме дека нешто се сменило – за жал ништо не е сменето“, заклучува Апостоловска.