Возачот што ја усмрти 64-годишната Ангелина од Неготино бил речиси слеп и без важечка дозвола

Возачот што ја усмрти 64-годишната Ангелина Ангелова од Неготино управувал товарно возило без важечка возачка дозвола и бил речиси целосно слеп. Несреќата се случила на 3 декември 2024 година на регионалниот пат кај Пепелиште, на делницата Пепелиште – Неготино, во близина на местото викано „Лаки“. Според обвинението, возачот управувал „Ситроен Џампер“ со велешки регистерски таблички, иако неговата возачка дозвола била со истечен рок. Возачот не обрнал внимание на пешаците кои се движеле покрај коловозот и со страничниот ретровизор удрил во главата на Ангелина, предизвикувајќи ѝ фатални повреди.

Обвинение за тешко кривично дело и истрага за злоупотреба на документи

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен акт против возачот за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Истражната постапка открила дека обвинетиот, покрај тоа што бил речиси целосно слеп и примател на инвалидска пензија, продолжил да управува возило. Дури во текот на истрагата ја обновил и возачката дозвола, иако немал право на тоа. Постојат сомнежи за системски пропусти и можни злоупотреби при издавањето на возачката дозвола и инвалидската пензија. Основното јавно обвинителство побарало од полицијата во Неготино детална проверка на овие услови.