Обвинителството отвори истрага и побара притвор за 31-годишен скопјанец
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 31-годишен маж, кој е осомничен за тешко дело против безбедноста во сообраќајот, откако во сообраќајна несреќа на булеварот „Никола Карев“ загина мотоциклист.
Според Обвинителството, несреќата се случила вчера во вечерните часови на крстосницата со улицата „Прохор Пчињски“. Осомничениот управувал автомобил „Ауди А4“ и при вртење налево не ја почитувал сообраќајната сигнализација, преминувајќи преку удвоена полна линија и навлегувајќи во лентите наменети за возилата од спротивниот правец.
Со автомобилот удрил во два мотоцикли
Истрагата покажала дека возачот го управувал возилото под дејство на наркотична дрога, спротивно на одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во моментот кога навлегол во спротивната насока, со предниот дел од автомобилот удрил во мотоцикл „БМВ“, а во задниот дел од неговото возило удрил и мотоцикл „Хонда ХДВ“, кои се движеле од спротивен правец.
Од силината на судирот, возачот на мотоциклот „БМВ“ се здобил со тешки телесни повреди, на кои подоцна им подлегнал.
Побаран притвор поради опасност од бегство
Од Обвинителството информираат дека против осомничениот е поведена истрага за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
