Вработени во Основниот суд во Куманово поднеле претставка до Судскиот совет со барање за разрешување на претседателката Снежана Манев, обвинувајќи ја за навреди, притисоци и недолично однесување. Од вкупно 90 вработени во судската администрација, 75 ја потпишале претставката, соопшти претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски. Синдикатот бара итно постапување од Судскиот совет и најавува протести и можен штрајк доколку во рок од осум дена нема конкретна реакција.

Деаноски денеска на прес-конференција рече дека до Судскиот совет и до Министерството за правда повеќепати биле доставувани претставки, но оти досега немало соодветна реакција. Тој посочи и дека дел од вработените за време на паузата излегле пред судот за да го изразат незадоволството од условите и атмосферата во која работат. Според него, при посетата на двајца претставници на Судскиот совет, наместо да се разгледуваат наводите од претставките, вработените поединечно биле повикувани да потврдат дали потписите на документот се нивни.

Претседателот на УПОЗ изнесе и сериозни обвинувања за начинот на кој, според него, Манев се однесувала кон вработените. Тој рече дека биле навредувани по лична, верска и национална основа, а меѓу навредите и заканите што ги цитираше беа: „говеда“, „џукели“, „глупи сте“, како и закани дека ќе бидат ставени „под нозе“ или дека „ќе бидат запалени“. Деаноски тврди дека дел од овие зборови биле упатувани и пред странки и граѓани. Тој се повика и на извештај на Судскиот совет од 2023 година, за кој рече дека констатирал нарушени меѓучовечки односи во Основниот суд во Куманово.

Доколку во рок од осум дена не биде преземено нешто конкретно, од УПОЗ најавуваат организирање протести, а не ја исклучуваат ниту можноста за штрајк.

Претседателката на Основниот суд во Куманово, Снежана Манев, ги отфрла обвинувањата. Таа денеска не била на работа, а новинарите ги примил нејзиниот заменик Неџат Мемети, кој го доставил нејзиното писмено соопштение до медиумите. Во него Манев наведува дека наводите за незаконско и недолично однесување кон вработените се „потполно неточни и невистинити“.

„Наводите за вршење притисок од моја страна кон вработените се неточни, невистинити, паушални и апстрактни, бидејќи во истите дури не е наведен ниту еден конкретен случај, кога и кон кого бил извршен наводниот притисок“, наведува Манев.

Според неа, протестот бил организиран од судскиот администратор, претседателот на синдикатот, еден службеник и неколкумина вработени. Како повод за протестот Манев ја посочува дисциплинската постапка против судскиот администратор поради, како што наведува, несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи.

Манев во соопштението наведува дека поради намалувањето на бројот на вработени во судот се врши реорганизација и се зголемува ангажирањето на постојниот кадар. Таа тврди дека дел од вработените, поддржани од судскиот администратор, одбивале да ги извршуваат дадените задачи. Во соопштението се наведуваат и забелешки во врска со користењето на годишни одмори, продолжени боледувања и неоправдани отсуства, за кои, според Манев, имало поплаки од странки.

„Јас раководам со судот во целина и имам обврска истиот да функционира пред сè за добро и во корист на граѓаните. Сите вработени во судот мора да бидат целосно посветени и максимално ангажирани при извршување на своите работни задачи. Јас како судија и претседател на судот не прифаќам ништо помалку, ниту правам компромиси“, пишува во соопштението на Манев.