Добитници годинава се универзитетската професорка Ѓулумсер Касапи за остварување во областа на воспитанието и образованието, писателот Јован Павловски, музичкиот уметник Снежана Анастасова-Чадиковска и Елена Дончева, академски сликар – костимограф во областа на културата и уметноста.
Наградите им ги врачи академик Газанфер Бајрам од Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски”, кој истакна дека оваа висока државна награда се доделува секоја година на овој ден, на светецот кој што длабоко е вграден во културата и историјата на нашата држава.
Климент Охридски во нашата меморија се поврзува со писменоста, образованието, пошироко со културата. Овој кијамет што не снајде, глобалната несреќа именувана пандемија е состојба со која секојдневно се соочуваме со жртви и исконски страв од неизвесноста. Благословени сме од Бога што имаме такви професии преку кои на најдобар начин преку креативна работа ги покажуваме и ги споделуваме со другите плодовите од нашата дејност, рече Бајрам.
Од името на добитниците се заблагодари Снежана Анастасова-Чадиковска, која истакна дека оваа награда е највисокото признание кое може да се добие од областа на културата, уметноста и образованието во нашата држава, затоа што таа го носи името на Свети Климент Охридски.
Свети Климент епископот верички прв македонски епископ, оној кој проповедал, пишувал беседи, записи за своите учители, преведувал духовни книги и сето тоа на своот роден славјански македонски јазик, оној, извонреден водач кој им подарил многу добрини на луѓето. Тој ги лечел, ги описменувал, ги учел да калемат диви овошки, но ги учел и да калемат почит, љубов и доверба кон ближниот во своите души. Големо е духовното сонце во Свети Климент. Чинам дека и денес по 11 века златни зрца од неговите зраци ја покриваат нашата земја. Верувам дека едно такво златно зрно навлегло длабоко во срцето и умот на сите годинашни добитници на Климентовата награда. Верувам дека ова зрно сонце создал свој сопствен светол зрак во име на духовниот вознес на нашата земја. Верувам дека вие кои денес ни ја доделивте нагрдата всушност ја препознавте неа – светлината, рече Анастасова-Чадиковска.
На доделувањето на наградата присуствуваа претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, министерката за култура Ирена Стефоска, министри и пратеници, академици.
Државната награда „Св. Климент Охридски” е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија.