По светската премиера на филмскиот фестивал во Рим, каде доби петминутни овации од публиката, „Врба“ се прикажа на над 20 филмски фестивали на четири континети, освои пет награди, меѓу кои Сребрена Палма на Мостра Де Валенсија во Шпанија и награда за најдобар режисер на фестивалот Рејнденс во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот. „Врба“ ги сруши рекордите на гледаност во кино и телевизија во Македонија, беше македонски кандидат за Оскар, влезе во 40 најдобри филмови во Европа според ЕФА и доби ласкави критики секаде каде што играше.
„Три приказни за македонско мајчинство одекнуваат низ вековите во моќната, евокативна и прекрасно одглумена драма на Милчо Манчевски“ се вели во рецензијата на филмското списание Варајети. Скрин Интернешнал за „Врба“ вели дека е „Величествен, трогателен, длабок.“, а Холивуд Репортер го опиша како „Фасцинантен… Заслепувачки…“
„Кино Лобер“, еден од најреномираните дистрибутери на уметнички филмови во САД, ги обезбеди правата за дистрибуција на „Врба“ на територијата на САД и планира да започне со дистрибуција годинава. По премиерата во Унгарија, во текот на 2021 – во зависност од развојот на ситуацијата со Ковид-19 –предвидени се кинопремиери на „Врба“ во Србија, Белгија, Хрватска, Бугарија, Словенија, Албанија, Црна Гора и Велика Британија. Во главните улоги настапуваат Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Никола Ристески, Ненад Нацев, Петар Мирчевски и Ратка Радмановиќ. „Врба“ е во продукција на Банана филм, Баба филм, Пионер пикчрс во Унгарија, Тиранскиот филмски институт во Албанија, Сага филм и БНП Парибас фортис филм фајнанс во Белгија.