ВРЕДИ и официјално се трансформираше од коалиција составена од пет политички субјекти во единствена политичка партија. Одлуката беше потврдена на Конгресот што се одржа на 9 Мај – Денот на Европа, а од партијата велат дека станува збор за „значаен момент за албанската политичка сцена во Македонија“.

Во соопштението од ВРЕДИ се наведува дека обединувањето претставува „чин на одговорност кон Албанците“ и доказ дека „кога заедничкиот интерес се става над тесните интереси, политиката создава решенија, а не поделби“.

„ВРЕДИ повеќе не е само коалиција. ВРЕДИ е едно“, порачаа од партијата.

Од таму истакнуваат дека новата политичка структура ќе се темели на политика „во служба на човекот“, со фокус на достоинство, еднаквост, работа и одговорност.

На Конгресот била претставена и политичката платформа на ВРЕДИ, која, според партијата, предвидува реална еднаквост на Албанците во институциите, владеење на правото, борба против корупцијата, поддршка за претприемачите и младите, како и квалитетно образование на албански јазик.

„Албанецот во Македонија не бара привилегии, туку еднаквост; не бара реторика, туку можности; не бара милост, туку правда и интегритет“, било истакнато на Конгресот.

Од ВРЕДИ додаваат дека партијата се позиционира како политичка сила од десниот центар, со современ пристап и јасна определба за европска интеграција и функционална држава.

„Со ова обединување не се затвори едно поглавје, туку се отвори ново“, наведуваат од партијата, посочувајќи дека целта е политичката енергија да се претвори во „институционална моќ“, а младите, професионалците и граѓаните да станат дел од процесот на одлучување.

Според информациите од партијата, процесот на обединување бил поддржан од повеќе од 850 делегати.