Во периодот од 1 април до 18 август 2025 година, полицијата привела вкупно 39 лица осомничени за предизвикување пожари на отворен простор, информира Министерството за внатрешни работи. По спроведените мерки и активности поднесени се 25 кривични пријави.

Од МВР нагласуваат дека најголемиот број настанати пожари се резултат на човечки фактор, а мотивите се различни. Истовремено, се преземаат мерки за расчистување на случаите и проверка на евентуалната меѓусебна поврзаност на сторителите.

Од 1 јули, кога стапи на сила забраната за движење во шуми без писмено одобрение, до 30 јули биле затекнати 22 лица кои ја прекршиле оваа мерка. Против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави согласно Законот за шуми.

Како дел од превенцијата и раното откривање на пожари, полициските служби применуваат дронови за мониторинг на шумските подрачја низ целата држава.

„Со овие оперативни мерки е зголемена ефикасноста во раното предупредување и лоцирање на евентуални пожари, како и во откривањето на можните причини и причинители“, велат од МВР.