Владино-црковната делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска во рамките на вториот ден од посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на светите Кирил и Методиј, ќе одаде почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“, каде митрополитите Пимен и Јосиф ќе одржат молебен во чест на Св. Кирил.
По посетата на базиликата „Сан Клементе“, премиерот Ковачевски ќе оствари и средба со претседателот на Советот на министри на Италија, Марио Драги.
Во однос на културно-уметничкиот дел од програмата, вечер во киното „Тицијано“ ќе биде прикажан документарниот филм „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска, чие претставување е на иницијатива од Македонската амбасада во Рим и Асоцијацијата „Жени дипломати“ при МНР на Италија (АЦДМАЕ).
Вчера Ковачевски имаше тет-а-тет средба, а потоа и аудиенција кај неговата светост папата Франциск, на која присуствуваа и членови на македонската делегација.
На аудиенцијата кај папата Франциск, како една од централните активности од програмата за чествување на животот и големото дело на Светите Кирил и Методиј, премиерот Ковачевски изрази благодарност за посетата на папата на нашата земја во 2019 година, што беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска.
За време на разговорот на средбата со папата Франциск беше истакната улогата на Светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа. Северна Македонија и Ватикан, беше нагласено на средбата, од воспоставувањето дипломатски односи од пред 28 години, со посветеност и меѓусебно почитување градат пријателство базирано на заеднички историски, културни и верски традиции и значајни ликови како Светите браќа Кирил и Методиј и Света Мајка Тереза.
Премиерот Ковачевски истакна дека на огромно негово задоволство со папата Франциск се согласиле дека поддршката на најранливите наши сограѓани во време на криза е суштината на нашето делување, а почитувањето на разликите како еден од столбовите на градењето на општество во кое има место за сите е пресликана во традицијата на меѓурелигиска толеранција, почитување на разни верски убедувања како и негувањето на слободата и демократијата во Република Северна Македонија.
Ковачевски на папата Франциск му подари рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски.
Премиерот Ковачевски, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи имаа средба и со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер, на која беше истакнато дека дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Ватикан од воспоставувањето на дипломатските односи бележат континуиран развој со високо ниво на меѓусебна доверба, разбирање и пријателство.
Соговорниците на состанокот истакнаа дека духовните врски преку цивилизациското наследство на Мајка Тереза и Светите Кирил и Методиј, се преточуваат и во пријателски политички односи со Ватикан кои во последните години се потврдени и низ зголемената динамика на билатералните средби на највисоко ниво, а стана збор и за подготовките на двете страни за потпишување на договор, односно конкордат меѓу Северна Македонија и Светата Столица за регулирање на статусот на Католичката црква во нашата земја со што ќе се отворат нови потенцијали за соработка во повеќе области од взаемен интерес.
Програмата во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, во текот на вчерашниот ден делегацијата на Северна Македонија ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика „Санта Марија Маџоре“, а потоа и со концертот на реномираниот тенор Благој Нацоски во салата „Балдини“ во Рим.