Изградбата на Националниот податочен центар се очекува да започне во текот на 2027 година, а до крајот на мандатот на актуелната влада треба да биде поставен и камен-темелникот, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Првичниот план бил градежните работи да започнат напролет следната година, но роковите се промениле поради обврските поврзани со Планот за раст. Андоновски нагласи дека ова очекување важи доколку нема предвремени парламентарни избори.
„Планот беше тоа да биде пролетта 2027 г., но секако заради Планот за раст ние мораме да потпишеме договори во текот на 2027 г. година, со што очекувам дека во 2027 г. ќе се постави камен-темелник“,
Андоновски оцени дека домашните компании имаат капацитет за изградба на ваков објект, особено доколку има соодветна техничка поддршка од странство, советување и надзор. Тој објасни дека постапката ќе биде меѓународна, а начинот на избор на изведувачот ќе зависи од финансиерите. Дел од набавките би се реализирале национално, доколку тоа го дозволат финансиерите, а дел меѓународно.
„Бидејќи ќе станува збор за меѓународна постапка во зависност од финансиерите, ќе се дефинира и начинот на којшто ќе биде избран изведувач. Дел од набавките се вршат национално, во зависност од тоа дали дозволуваат финансиерите, или меѓународно. Но, јас мислам дека кај нас, доколку се здружат квалитетни домашни компании, имаме капацитет. Јас сум зборувал во јавност – ние имаме веќе 7-8 податочни центри коишто се изградени со помал габарит од овој, но не толку мал, од домашни компании. Тие имаат искуство во изведбите, така што мислам дека имаме капацитет дома за ваква инвестиција“,
За проектот веќе е одобрена физибилити студија, а во моментов се бара финансиер. Според министерот, проектот за државниот дата-центар во рамките на Планот за раст добил позитивна оценка и е евалуиран на околу 20 милиони евра. Финансиската конструкција, како што објасни Андоновски, предвидува 30% грант и 70% меки кредити, при што заемот ќе зависи од банките што соработуваат со Европската Унија во процесот на поддршка на вакви иницијативи.
Кога станува збор за локацијата, Националниот податочен центар е планиран во близина на Скопје, на државно земјиште. Андоновски ја посочи зоната помеѓу просторот каде што завршува ТИРЗ „Скопје 1“ и наплатната станица Миладиновци, како и вториот дел во близина на „Скопје 2“. Целта е да се избере државна парцела за да се избегнат откуп на земјиште и експропријации, но и проблеми со постојна инфраструктура.
„Можам да потврдам дека станува збор за локацијата помеѓу просторот каде што завршува ТИРЗ ’Скопје 1’ до наплатната станица Миладиновци или вториот дел веќе во близина на ’Скопје 2’. Ние гледаме државна парцела за да немаме проблем со откуп на земјиште, експропријации итн., и гледаме парцела на којашто немаме водоснабдителни системи или некој друг вид инфраструктурна позиционираност или опрема. Разговараме со Министерството за транспорт и сигурни сме дека ќе биде некоја од овие парцели на оваа локација“,
додава Андоновски.
