Средбата со генералниот секретар Санино се одржа на маргините на годишната конференција на ECFR Советот во којшто членуваат и двајцата соговорници. На состанокот беше разговарано за политиката на проширување како најважната алатка на надворешното дејствување на ЕУ и македонското евроинтегративно досие како клучно за кредибилитетот на Унијата.
Генералниот секретар Санино истакна дека најважниот чекор напред во политиката на проширување е почетокот на пристапните преговори со Македонија и со Албанија.
Овие теми беа разговарани и на средбата со државниот секретар Мигуел Бергер, на којашто беше реафирмирана цврстата германска поддршка за европската интеграција на Македонија.
Димитров: Европската перспектива е лепакот што ги соединува прогресивните сили во регионот. Обновувањето на довербата во политиката на проширување е можно само преку успех во македонското европско досие.
Државниот секретар Бергер нагласи дека Германија ќе продолжи интензивно да работи на ова прашање што е наведено како приоритет и во коалициониот договор на новата влада.
На маргините на годишната конференција на ECFR Димитров имаше средба и со новоназначениот, иден претседавач со Минхенската безбедносна конференција, германскиот дипломат Кристоф Хојсген кој ќе го наследи амбасадорот Ишингер.
Димитров и Хојсген разговараа за проширувањето на ЕУ низ призмата на обезбедување стабилност и сигурност. Во тој контекст, претседавачот Хојсген ја истакна важноста на Преспанскиот договор како еден од столбовите на регионалната безбедност и соработка на Западниот Балкан и пошироко.
Работната посета на Берлин ќе биде заокружена со првата средба со новоименуваната министерка за Европа Ана Лирман и состанок во берлинската канцеларија на тинк тенкот Европска иницијатива за стабилност (ESI).