Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за Ројтерс зборуваше за своето политичко наследство по истекот на мандатот во 2027 година, оставајќи отворена можност за враќање во партиската политика или преземање премиерска функција.

„Би сакал да бидам помалку ангажиран во политиката или воопшто да не бидам, но грижата за моето наследство можеби ќе бара некаков ангажман, ќе видиме“, изјави Вучиќ.

Ројтерс го опиша како популист кој се соочил со сериозен политички удар по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во 2024 година, кога загинаа 16 лица, настан што предизвика протести низ земјата со барања за борба против корупцијата.

Вучиќ призна дека корупцијата е проблем и изрази незадоволство од напорите за нејзино искоренување. „Станува збор за корупција во нашите државни институции… вклучувајќи ги и политичарите“, рече тој.

Во исто време, тој ги отфрли протестите како заговор од меѓународни безбедносни агенции, вклучително и од Хрватска, Албанија и Косово, без да изнесе докази.

Среде уличните демонстрации, Вучиќ најави дека ќе повика на предвремени избори во текот на оваа година.