Државниот пазарен инспекторат вчера и денес извршил надзори и контроли во над 400 фирми на ниво на целата територија на државата.

Досега од контролите е утврдено дека генерално се доставува леб кој е опфатен со одлуката на Владата, а се почитува и замрзнатата цена од 33 денари, односно цената утврдена во согласност со грамажата за помалку од 450 грама.

Цената на лебот во зависнот од грамажата и во зависност од различни градови каде се продава изнесува од 25 до 33 денари, велат од пазарниот инспекторат.

„Потребно е сите да ги почитуваме Одлуките на Владата, бидејќи примарна цел е сузбивање на профитерството во време на криза, и залагање за солидарност, односно да се има разбирање и да им се излезе во пресрет на граѓаните. Како институција ќе ги ангажираме сите расположливи ресурси за тековно постапување и спроведување на законските регулативи од кои произлегуваат нашите надлежности. Пазарниот инспекторат постојано врши надзори и постапува во согласност со законите, годишниот и стратешкиот план за работа. Дополнително, покрај редовните контроли, постапува и по пријави доставени од граѓаните и им излегува во пресрет за секое прашање поврзано со нашите надлежности и делокруг на работа“, велат од Инспекторатот.

Тврдат дека законите ќе важат исто за сите, без селективност, а секој што нема да ги почитува, ќе биде санкциониран.