Министерот објави дека е регистрирано најниско ниво на криминалитет во последните 20 години

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во земјава е регистрирано најниско ниво на криминалитет во последните 20 години.

Во објава на социјалните мрежи, Тошковски наведе дека во изминатите две години е намален вкупниот криминалитет, а истовремено е зголемена ефикасноста во откривањето на кривичните дела.

„За две години го намаливме вкупниот криминалитет за 30%, ја зголемивме ефикасноста во откривањето на кривичните дела и зададовме силен удар врз организираниот криминал, корупцијата и трговијата со дрога.“

Тој посочи дека зад постигнатите резултати стои работата на полициските службеници и заложбите за поголема безбедност.

„Зад овие резултати стои посветената работа на полициските службеници и одлучната борба за побезбедна Македонија.“

Тошковски најави дека активностите ќе продолжат и во наредниот период.

„Продолжуваме уште посилно, затоа што силна Македонија значи сигурни граѓани и силни институции.“