Првиот Skopje Air Fair – Воздухопловно-едукативен саем за млади и ентузијасти заинтересирани за воздухопловство ќе се одржи денеска, со почеток од 11 часот, во Градскиот Парк во Скопје, на локацијата Школка, во организација на здружението АВИКОН.
– Настанот ќе биде место каде професионалци од различни сфери на авијацијата ќе бидат достапни за младите и ентузијастите да постават прашања со цел да им се олесни патот доколку се одлучат некоја од воздухопловните гранки да стане нивна професија. Младите ќе можат да дознаат и за воздухопловните едукативни центри во регионот како и за постапките за стекнување професионални дозволи, најавуваат организаторите.
Здружението за подобро воздухопловство АВИКОН, е основано во 2020 година од мала група професионалци во воздухопловната индустрија со цел промовирање на авијацијата меѓу ентузијастите од сите возрасти. Денес, АВИКОН е платформа каде што сите воздухопловни професионалци и ентузијасти можат да се поврзат меѓу себе за повисока цел – напредок во воздухопловството.
Настанот Skopje Air Fair е поддржан од Град Скопје.