Досегашните резултати од вчерашното гласање покажуваат дека токму Слави Трифонов е вистинскиот победник на овие избори. На обработени над 72 отсто од гласовите, Има таков народ е на високото второ место со освоени 18,19 отсто од гласовите, а убедливо води на гласањето надвор од Бугарија. Бугарите во странство на Трифонов му дале 30,37 отсто од гласовите, а на ГЕРБ на Бојко Борисов само 8,71 процент.

Кој е Слави Трифонов?

Тој е бугарски музичар, шоумен, актер, а од пред неколку години и политичар. Главно е активен во фолк музиката, но во текот на кариерата експериментирал со музички стилови, од хип-хоп до рок и панк со групата Ку-Ку. Партијата Има таков народ ја формираше во 2019 година, а веќе има и телевизија 7/8 (седум осмини).

Според аналитичарите, неговите ставови за прашања од внатрешната и надворешната политика не се целосно „артикулирани“, па и не е многу извесно како би гласал во Парламентот. За време на предизборната кампања не даде ниту едно интервју, ниту пак дебатираше со противниците. Наместо тоа ги користеше социјалните мрежи за директна комуникација со гласачите.

За него се вели дека е голем патриот, но играч на „етничката карта“, а ужива голема поддршка кај ромската заедница во Бугарија. Можеби не игра на етничката карта, но поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев вели дека во секој настап се потсмева со Македонците како народ, односно настапува со чудна мешавина на потсмев и презир. Остана забележан неговиот став за прашањето во однос на Македонија од лани во ноември кога порача дека „бугарскиот предлог за Северна Македонија, да се признае јазикот и нацијата со признавање на бугарските корени е најдоброто што можат да го добијат“. Тогаш тој на македонските граѓани им постави прашање: „Зошто, кога не нарекувате Цигани и Татари стоите во ред за наши (бугарски) пасоши и учите на нашите универзитети?“.

Еве што напиша Трифонов:

Предлогот до Македонците, оп… извинете – северномакедонците, ако ги признаат своите историски бугарски корени, и ние ја признаеме моменталната состојба на работите, а моменталната состојба е да ги признаеме македонскиот јазик и нација, тоа е за нив најдобриот предлог којшто можат да го добијат.

И тоа во ситуација кога целата нивна сегашна државичка се заснова на антибугарска реторика, нарекувајќи нè нас Бугарите-цигани и татари.

Почитувани Македонци, извинете – северномакедонци, ќе се навикнам, но ми треба време, да бидам искрен, јас сум многу толерантна личност, но сè има свои граници.

Ве гледам како чекате за бугарски пасоши, гледам како доаѓате на бугарското Црно море и бугарските летувалишта, гледам како вашите деца доаѓаат да учат на бугарските универзитети, гледам како мислите дека ‘Јовано, Јованке‘ е македонска, извинете, северномакедонска песна, и се прашувам – зошто бе луѓе? Нели сме Цигани и Татари?

Значи, сакате цигански пасоши, доаѓате на татарското Црно Море, студирате на цигански универзитети и ‘Јовано, Јованке‘ е на крајот циганска песна ( да ми простат Циганите – тој толку емотивен и раселен народ низ целиот свет) Така што Северна Македонија нема да добие подобар компромис и ако не се усогласи со нејзините историски бугарски корени, таа ќе постои надвор од Европската унија. Толку!“.