Од Министерство за надворешни работи за Слободен печат изјавија дека ова е технички проблем за кој се информирани и официјално побарале тој да биде остранет од амбасадата на Саудиска Арабија во Тирана. Оттаму додаваат дека во сите други официјални документи Кралството Саудиска Арабија и се обраќа на земјата со официјалното име, Република Северна Македонија.

– Во сите официјални документи и обраќања кон нас, Саудиска Арабија го користи официјалното име на државава – Република Северна Македонија. Употребата на поранешната референца во електронскиот систем за визи претставува технички недостаток за кој Министерството за надворешни работи преку својата дипломатска мрежа ги има известено соодветните институции на земјата. Очекуваме во најскоро време, соодветно на техничките околности, електронскиот систем на визи да биде коригиран соодветно на уставното име на земјава – велат во пишаниот одговор за Слободен печат од Министерството за надворешни работи.

Од Слободен печат велат дека стапиле во контакт и со Амбасадата на Саудиска Арабија во Тирана, но оттаму се уште нема одговор кога и дали веќе е остранет овој технички проблем.