Германија одлучи на своите граѓани да им ги даде најголемите субвенции во историјата. Наскоро, секој што ги исполнува условите за откажување од парното ќе може да повлече 20.000 евра помош за воведување поефикасен алтернативен систем за греење во своите домови.
Голем број Германци ќе имаат право на вакви дарежливи субвенции, а тие ќе бидат особено погодни за домаќинства со ниски примања.
Според информациите на германските медиуми, Министерството за економија од 1 јануари ќе почне со распределба на грантот од 20.000 евра, а истиот ќе трае до крајот на февруари следната година.
Основната поддршка, која изнесува дарежливи 30 отсто од вкупните трошоци, ќе биде достапна за сите, без разлика на приходот. Сепак, дополнителен бонус од пет проценти ќе им биде доделен на оние кои ќе изберат ефикасни геотермални пумпи или други еколошки алтернативи.
Дополнителна предност имаат домаќинствата со ниски примања, со бонус од 30 отсто, што може да ја зголеми вкупната помош на 65 отсто, пренесува списанието „Феникс“.
Финансиската поддршка обезбедува стимулација за граѓаните кои сакаат да ги заменат своите стари системи за греење на гас или нафта.
Дополнителни 20 отсто од помошта се достапни до крајот на 2025 година, проследено со намалување на бонусот на 15 отсто до 2026 година и конечно на 10 отсто до 2027 година. Владата постави ограничување од 70 отсто од трошоците, односно максимум 21.000 евра што корисниците можат да ги добијат како субвенција.
Освен тоа, на граѓаните им се нудат поволни заеми до 120.000 евра, додека некои сојузни држави дополнително обезбедуваат сопствена финансиска поддршка. Оваа субвенција не само што го олеснува финансискиот товар, туку претставува и важен чекор кон поеколошки иднина во германските домови.