Од Министерството за образование на Грција, денеска ги соопштија детали за начинот на кој учениците ќе се вратат во училишните клупи и студентите во амфитеатрите.
Одлуките се согласно соодветните препораки од надлежната комисија на епидемиолози.
За просветните работници, односно за наставниците и професорите, како од училиштата, така и од универзитетите задолжителен е сертификат за вакцинација или потврда за прележан Ковид-19 во последните шест месеци или негативен лабораториски тест два пати седмично, што ќе биде на нивни товар, а истите правила важат и за студентите.
Слични се условите и за учениците, односно и за нив ќе биде потребен документ поврзан за Кови-19.
Сертификат за вакцинација, доколку се постари од 12 години, потврда за прележана болест во последните шест месеци или изјава по направен селф тест, задолжителен два пати седмично.
-Ги охрабруваме членовите на образовната заедница кои сè уште не се вакцинирале да побрзаат, пред почетокот на новата учебна и академска година, да го искористат овој штит на заштита од коронавирусот. Целта на сите нас е заштита на индивидуалното и јавното здравје и непречено функционирање на нашите образовни структури, соопштуваат од Министерството за образование на Грција.
Протоколите по кои ќе работат училиштата и факултетите ќе бидат детално соопштени непосредно пред почетокот на учебната и академската година.