Премиерот Зоран Заев, денеска, ијзави дека целиот фокус на Владата е кон Бугарија со сите бугарски институции, пред се претседателот на Бугарија, Румен Радев, но и премиерот Стефан Јанев и министерот за надворешни работи, и додаде дека Владата се надева дека навистна во јуни ќе дадат поддршка да се направи следниот чекор во интегративните процеси на Македонија.

Тој на новинарско прашање „Дали во односите со Бугарија има некакво раздвижување“, рече дека комуникации постојат со Софија, а првата средба се очекува следната недела на граничниот премин по повод донација на вакцини за Ковид – 19.

-Јас денеска ќе се слушнам со претседателот, којшто денеска попладнево се враќа, и ќе можам да поразговарам за самите детали, затоа што нашиот министер за надворешни работи Бујар Османи веќе стапи во контакт со министерот за надворешни работи на Бугарија. Пред два дена се слушнав со премиерот на Бугарија, Стефан Јанев и договоривме следни комуникации. Овие денови како што објави претседателот на Бугарија сепак тие го прават гестот на пријателство, очекуваме следната недела да направиме прва средба на граничниот премин, барем како што е најавено, рече Заев.

Македонија од декември лани е со вето од Бугарија за старт на преговорите за членство во ЕУ. Софија го обвинува Скопје дека не го почитува Договорот за добрососедство, но инсистира и на тоа Македонија да признае бугарски корени на идентитетот и јазикот. Македонската влада вели дека идентитетот и јазикот се црвените линии и дека ниту се преговарало, ниту ќе се преговара за нив.