– Денеска во Прилеп пристигна Зоран Заев, ни помалку ни повеќе, со хеликоптер. Во Прилеп имаме до денес 333 наши сограѓани починати и повеќе од 7.100 заболени од ковид-19. За ниту еден од нив не полета хеликоптер, но затоа хеликоптер се крена за Заев и Филипче. Денеска Заев заедно со Венко Филипче леташе од Скопје до Прилеп со хеликоптер на државна сметка. Ова е невиден скандал и срам. Тие возат мотори и кога умираат по 30-тина луѓе на ден, министри шетаа во Дубаи и Мексико кога тука луѓето се борат за живот, а сега летаат со хеликоптер на државна сметка. Едно летаље со хеликоптер чини колку стотици вакцини и други потребни медицински материјали, но Заев и Филипче наместо за борба против ковид-19, пари трошат за летање со хеликоптер, изјави денеска Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Заев денеска во Прилеп и Битола, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, присуствуваат на официјално пуштање во употреба на новиот 400/110 киловатен трансформатор во трансформаторската станица „Битола 2“. Во Прилеп, Заев заедно со Филипче, ја посетија градската општа болница „Борка Талески“. Во Прилеп е и министерката за труд и социјална работа Јагода Шахпаска, со која Заев и градоначалникот на овој град, Илија Јовановски, го означија стартот на работите на нова градинка во населбата „Точила“, како прв ваков објект после 40 години.

Тие денеска со хеликоптер на МВР се превезоа до Прилеп и назад до Скопје. Летот на хеликоптерот бил во рамки на задолжителните месечни летови, па за да не оди празен, биле превезени и министрите и премиерто, велат од Владата.

– Летовите со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи на премиeрот Заев и министрите Шахпаска и Филипче на релација Скопје – Прилеп, односно на премиерот Заев и министрите Филипче и Бочварски на повратната релација кон Скопје се во рамки на обврските за задолжително исполнување работни месечни часови кои согласно стандардите важат и за пилотите и за леталата, појаснија од МВР и додадоа дека со денешниот хеликоптерски превоз функционерите заштедиле време за другите обврски во Владата.

Причината за користење на ова превозно средство, од Владата велат, е поврзана со обврските и агендите на премиерот и министрите и потребата од рационализација на времето, со цел секој од нив на време да ги заврши планираните теренски обврски и на време да може да се врати во Скопје за редовните владини и кабинетски обврски. Оттаму посочуваат дека денешните летови се во рамки на обврските за задолжително исполнување работни месечни часови кои согласно стандардите важат и за пилотите и за леталата.