Градежната компанија „Јелак-Градба“ е формирана на почетокот на 2016 година со седиште во Тетово, со основна главнина од 2 милиони евра основана од офшор фирмата Адастра и управувана од Давидовиќ-Дака, која досега немаше никаква деловна активност.

Опозицијата по минатогодишните парламентарни избори реагираше дека Дака, чија компанија „Нексан“ е позната по тоа што презема компании под стечај во Црна Гора и Србија, во центарот на Тетово ќе изгради 2.000 стана и трговски центар на местото на поранешниот шумарско-индустриски комбинат Јелак.

Од таму побараа од Обвинителството да отвори случај, по објавениот аудио-разговор, кој опозицијата го толкуваше како обид за милионски поткуп за премиерот Зоран Заев и поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Дака потоа се огласи дека финансирал единствено консултантски услуги преку посредници.

Инаку, црногорската „Нексан“ е основана во 1992 година како друштво за трговија, додека во годините што следуваат фирмата почнува да се занимава со транспорт, шпедиција, градежништво, трговија со нафта, производство на вино. Во 2006 година, нејзина доминантна дејност станува градежништвото, така што гради комплекси во Будва, Свети Стефан, Подгорица, Никшиќ…

Премиерот Заев во врска со овој случај минатата година се изјасни дека сопственоста на инвеститорот била остварена за време на ВМРО-ДПМНЕ и дека тој не гледа ништо спорно во тоа што за тој простор е донесен урбанистички план со станови.

Парцелата од 71 000 квадратни метри на комбинатот минатата година доби нова намена и наместо за индустрија, општината Тетово одлучи локацијата да се користи за домување и за трговски дејности.

Според тогашната аудио “бомба“, Дака со Рашковски и Заев го договарал да го добие просторот на Шумарско индустрискиот комбинат “Јелак“ во Тетово.

Имено, во разговор со Зоран Милески Кичеец, бизнисменот Дака е лут затоа што и покрај тоа што исплатил голема сума, се уште не му е испорачано тоа кое што го договарал со Рашковски и Заев.