Очекуваме во текот на овој месец да стигнат првите 20-25 илјади од вкупно 100 илјади вакцини од Европската унија и сите 200 илјади вакцини од Кина, како и следните количини од „Спутник В“ и вакцините од „Фајзер“, од кои имаме нарачано 800 илјади. Ќе се набават и дополнителни 500 илјади од втората кинеска вакцина „Синовак“, со што ќе се заокружи бројката од 2,6 милиони вакцини, за 1,3 милиони граѓани, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашање по пристигнувањето на нови вакцини од Србија.
Од нашите набавки на вакцини досега имаме добиено два пати по 3 000 од „Спутник В“ и 24 илјади од КОВАКС механизмот, додека во текот на мај, премиерот изрази уверување, дека ќе стигнат и дополнителни количини.
Со се поголемиот интерес на граѓаните веруваме дека ќе стигнеме до милион и триста вакцинирани граѓани. Многу е важно да ги покриеме сите тие периоди, за континуитет на целата вакцинација, од прва и втора компонента. Има дел од вакцините кои што се примаат како втора компонента меѓу осум и 12 недели, како што е „Астра Зенека“, а другиот дел се две до три недели, рече Заев.
За сите нарачани вакцини, посочи Заев, се обезбедени финансиски средства.
Дел се плаќаат од Буџетот, дел се од донацијата од ЕУ, а дел се кредитот на Светска банка, кој го имаме обезбедено. Доколку има потреба од дополнителни финансиски средства со ребалансот на Буџетот ќе ги проектираме, рече Заев.
Во однос на процесот на имунизација во салата „Борис Трајковски“, министерот за здравство Венко Филипче, рече дека вчерашниот ден поминал прилично успешно и без проблеми.
Приметивме дека околу 20 проценти од веќе закажаните не се јавија за вакцинирање. Вакцината „Спутник В“ е нешто специфична, после отворањето има два часа да се аплицира целата содржина од вијалата, која содржи десет дози. Согласно тоа, сметаме дека е идеално да биде на едно место и затоа вакцинирањето ќе почне во салата „Борис Трајковски, изјави Филипче.
Вакцинирањето, посочи Филипче, ќе биде организирано преку закажување на системот „Мој Термин“ и директно во институциите со кои комуницираат, за вработените во МВР, дел од Армијата, судовите, обвинителството, вработените на патарина, царина и УЈП, возачите во јавен транспорт…