Зборувајќи за регионалната соработка премиерот Зоран Заев, во интервју за „Еуроњуз Албанија“, вели дека колку повеќе ја унапредиме, толку повеќе Европа ќе нé почитува.
– Најмалку што треба да направиме е да се обединиме во делот на заедничкиот настап, ослободувањето на границите за слободен проток на луѓе, на стока, на трговија на капитал, на информации. Навистина имаме што да ѝ понудиме на Европа, но и да примиме од неа. Затоа со премиерот на Албанија, со претседателот на Србија ги разработуваме опциите за она што некои го нарекуваат „Мини Шенген“, а некои го нарекуваат зголемена регионална соработка. Ова е компатибилно со процесот на нашата интеграција во ЕУ, затоа што целиот регион економски зајакнува и така полесно ќе се интегрираме кон ЕУ, истакнува Заев во интервјуто, информираат од владината прес-служба.
Нагласувајќи дека сите земји од регионот се дел од ЦЕФТА, тој исто така, рече дека не само што треба да го унапредиме она што ни е заедничко постигнато, туку и да одиме чекор понапред и да ѝ покажеме на Европа дека и заедно со нејзината помош, ние можеме да направиме уште повеќе.
– Губиме години, децении и затоа јас зборувам дека е возможно низ дијалог да се најдат решенијата за многу прашања во регионот. Да, треба да го почитуваме минатото, но тоа треба да биде основа за сегашноста и за иднината, посочува Заев.